Пандемијата од коронавирусот го запре фудбалот во Европа, но сепак има едно првенство, кое стартуваше изминатиот викенд и е мала оаза за фановите. Сите бевме навикнати да гледаме како БАТЕ Борисов ги победува со леснотија конкурентите во Белорусија, но по 13 титули по ред титли владението на тимот го наруши Динамо Брест, кој стана шампион прв пат во својата клупска историја .

Во шампионатот на Белорусија играат неколку познати имиња, кои во минатото играа за значително поголеми клубови во најдобрите нивни години. Рускиот сајт Чемпионат одбра 10 фудбалери, заради кои вреди да ги гледаме мечевите од белоруската Премиер лига:

Егор Филипенко (БАТЕ Борисов):

Бивш дефанзивец на Спартак Москва. Филипенко мина 4 сезони во Спартак, но изигра само 16 меча. По враќањето во татковината стана еден од лидерите на БАТЕ и беше дел од составот, кој го победи Баерн Минхен со 3:1. Во 2015 година си осигура трансфер во Малага, но не се проби во Ла Лига. Заигра и во Израел, по што пак се врати во БАТЕ.

Артом Милевски (Динамо Брест):

Украински фудбалер со одиграни 178 меча и 57 гола за Динамо Киев. Откако го напушти Динамо во 2013 година играше за Газиантепспор, Хајдук, Конкордија, Тосно и Кишварда. Во 2017 г. Милевски потпиша за Динамо (Брест) и а 38 меча даде 10 гола. Потоа одигра една сезона во Унгарија и се врати во Брест, и освои историска титула.

Станислав Драгун (БАТЕ Борисов):

Драгун играше пет години во Русија за Крилија Советов, Динамо Москва и Оренбург, а пред тоа три пати по ред беше избиран во идеалниот тим на сезоната во Белорусија, додека го носеше дресот на Динамо (Минск). Од 2017-а е фудбалер на БАТЕ.

Сергеј Кислјак (Динамо Брест):

Уште еден бивш играч на Динамо (Минск), каде поминал 6 години од неговата кариера. Во 2012-а потпипа со Рубин каде одигра 67 меча и постигна 4 гола, отука замина во Краснодар, па со Газинатеспор испадна од елитата во Турција. Во 2018 г. Кислјак премина со Иртиш, а неколку месеци подоцна стана дел о силната селекција на Динамо (Брест).

Виталиј Устинов (Торпедо Жодино):

Дете на Рубин, кој подоцна играше за Ростов, а во 2019-а беше во казахстански Атирау. Потпиша со Торпедо (Жодино) пред стартот на оваа сезона.

Павел Нехајчик (БАТЕ Борисов):

Една од ѕвездите на БАТЕ во најсилниот период на клубот. Неговите голови го привлекоа интересот на руските клубове, но по трансферот во Динамо (Москва) Нехајчик не беше толку продуктивен. Замина во Томск и постигна 16 гола на 59 меча. Со Оренбург му даде хеттрик баш на Томск. Во 2017 г. напаѓачот премина во Динамо (Брест), со кој освои една титула, еден купа и еден суперкуп. Во новата сезона повторно ќе ги радува фановите на БАТЕ.

Јевхен Хачериди (Динамо Брест):

Бивша ѕвезда на Динамо (Киев), за кој има 237 меча. Долго време настојуваше за трансфер зад границата и во 2018 г. потпиша за ПАОК, но остана за кратко во Солун. Од октомври минатата година е во Динамо (Брест).

Александар Филцов (Смолевичи):

Искусен голман, кој бранеше за Локомотив Москва, Краснодар, Рубин, Арсенал (Тула), Анжи и Ротор. Во 2019 година реши да се пресели во Белорусија во екипата на Шахтјор (Солигорск), а во новата сезона е на позајмица во Смолевичи.

Сергеј Баланович (Шахтьор Солигорск):

Познат по добрите игри во Амкар, пред клубот од Перм да банкротира. Баланович одигра близу 100 меча за “црвено-црните”, а во 2018 година врати во татковината и потпиша со Шахтјор (Солигорск).

Дарко Бодул (Шахтјор Солигорск):

Австриски напаѓач со босански корени од школата на Ајакс, но нема ниту еден меч за првиот тим на гигантот од Амстердам. Во кариерата играл за Спарта Ротердам, Насионал (Мадеира), Штурм Грац, Одензе, Данди Јунајтед, Амкар и Енисеј. Игра за Шахтјор од 2019 година, и во дебитантската сезона постигна 8 гола.