Фудбалерите во Премиерлигата и Чемпионшип биле видно незадоволни од планот да играат по три меча за пет дена, кога сезоната ќе биде продолжена. Играчите веќе биле информирани за овој план, а негова крајна цел е првенствата да завршат до 30 јуни, за да бидат избегнати секакви правни и финансиски проблеми, кои можат да произлезат од неисполнувањето на договорите со телевизиите и спонзорите. Според оптимистичките сценарија сезоната треба да биде продолжена во средината на мај.
Фудбалерите веќе се подготвени и за втората непријатна, но очекувана опција – мечевите да се играат без публика.
Секој тим има да одигра по 9-10 меча до крајот на сезоната. Од Премиерлигата засега не сакаат да го одложат крајот на сезоната за средината или крајот на јули, зошто тоа може да доведе и до одлагање на стартот на следната сезона.
Раководството на Премиерлигата веќе преговара и со телевизиите за план, со кој би биле пренесувани мечеви во живо, шест недели, во кои сезоната треба да финишира.
Сите дилеми ќе бидат разрешени на средбата на тимовите закажана за 3 април.