Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) е разочарана што делото против Франц Бекенбауер и уште три бивши вработени во германската фудбалска федерација е прекинато. Тоа го соопштија од пресслужбата на организацијата. Во вторникот веќе стана јасно, дека делото се прекратува поради застареност.

Решението на федералниот казанен суд во Швајцарија беше неизбежно. Процесот против четворицата фудбалски работници поврзани со организацијата на Светското првенство во 2006 година во Германија, започна на 9 март, но потоа беше прекинат заради ограничувањата во работата на судот за време на пандемијата од коронавирус.

Одлагањето беше продолжено минатата недела, при што беше пробиен крајниот рок – 27 април.

“За ФИФА овој случај не е завршен, бидејќи не можеме да го прифатиме фактот дека такво плаќање се извршува од сметките на организацијата без причина. Комитетот за етика ќе ја продолжи истрагата. ФИФА ќе продолжи да работи со соодветните органи со надеж дека сите кои се одговорни за ова ќе бидат казнети”, се вели уште во изјавата.