Џенова го пречекува Наполи во дуел кој е од големо значење за двата тима. На домаќините секој бод им е важен во трката за опстанок, додека Наполи е во потера за излез во европските купови. Овој меч е и своевидно македонско дерби бидејќи во двете екипи има по еден наш репрезентативец. Горан Пандев веќе е легенда на италијанската Серија А, додека Елиф Елмас е играчот кој треба да биде негов наследник.

Иако за помалку од три недели ќе наполни 37 години, Пандев покажа дека уште е голема опасност за противничките голови. Иако сезонава често е резерва и влегува во второто полувреме, тоа не му пречи да стигне до бројката од осум погодоци и да е прв стрелец во својот клуб. Колку значи Пандев за Џенова, се покажа и во последното коло, кога на гостувањето кај Удинезе влезе од клупата за резерви, даде гол и беше творец на ремито 2:2.

Некои медиуми најавуваат дека Пандев вечерва може да биде и стартер, но и доколку на почетокот остане на клупата за резерви, тоа нема да значи дека неговиот поранешен клуб Наполи ќе се спаси од Гоче. Пандев играше за Наполи во периодот од 2011 до 2014 година и во 92 меча во Серија А постигна 19 погодоци.

Наполи и сега има Македонец во своите редови, а тоа е Елиф Елмас. Младиот 20-годишен Елмас во првата сезона во Серија А досега одигра 18 меча и има гол и асистенција, а со своите игри покажува дека е голем потенцијал. Елмас уште нема сигурно место во стартниот тим на Наполи, но кога е на теренот, дефинитивно ја оправдува довербата.

Овој меч е посебно привлечен за нас, а според традицијата, но и моменталниот играчки кадар, Наполи е голем фаворит. На последните 15 меѓусебни меча, Наполи има 10 победи и пет нерешени. Џенова последен пат против овој ривал се радувала во јануари 2012 година.

Домашниот терен не е некоја голема предност за Џенова затоа што има само четири победи во 14 средби сезонава, додека Наполи на гости игра одлично победувајќи седум пати и ремизирајќи на четири дуели во 15 средби на туѓ терен. Џенова има слаба одбрана, па таа маана ја надополнува со солидна игра во нападот. На последните седум средби на Џенова, секогаш има барем по три погодоци, а фактот дека и на мечевите на Наполи сезонава има во просек по три погодоци е најава за интересен меч барем со три погодоци.