Додека во Германија владее еуфорија по продолжувањето на првенството во Бундеслигата, неизвесноста уште трае дали Серија А во Италија ќе има свое продолжување или ќе мора да се стави предвремен крај. Претседателот на Фудбалската Федерација на Италија, Габриеле Гравина вели дека има повеќе опции во игра за тоа како да се доигра првенството, а една од нив е и воведување на плеј-оф.

„Мора да бидеме подготвени за сите варијанти и затоа не може да ја отфрлиме ниту можноста да се игра плеј-оф. Нашиот план е на 13 јуни да се започне со играње, но факт е дека остануваат многу натпревари да се оидграат. Затоа можно е за да се скрати сезоната, да се направи плеј-оф за титулата“, вели Гравина.

По 26 одиграни кола, Јувентус е лидер во првенството со 63 бодови, еден помалку има Лацио на второто место, а Интер е трет со 54 бодови, но и меч помалку. Аталанта која е на четвртото место реално заостанува во трката за трофејот и има 48 бодови, додека на позициите кои водат излез во Европа се Рома и Наполи, а Милан е седми со 36 бодови, три помалку од Наполи.