Гоце Седлоски нема да му биде тренер на Аријан Адеми, барем не во блиска иднина, откако од Динамо Загреб најавија дека замената за Игор Јовичевиќ нема да биде од тренерскиот кадар што го имаат во клубот.

Најавено е дека Динамо ќе ангажира звучно име, односно реномиран тренер, откако пропадна експериментот со Игор Јовичевиќ, кој беше прекомандуван од младинскиот погон во сениорскиот тим. Само по 7 натпревари како кормилар на сениорскиот состав, 46-годишниот стратег доби отказ.

Претходно Јовичевиќ имаше одлични резултати со талентите на Динамо и со нив стигна до четвртфиналето на Лигата на шампионите за играчи до 19 година, а одисејата ќе ја продолжи Седлоски.

Нашиот поранешен репрезентативец ќе ги предводи младите Модри против Бенфика на 18 август во Нион, каде што ќе се игра завршниот турнир по нокаут-систем. Тој меч требаше да се игра во Загреб, но поради пандемијата со ковид-19, се смени форматот и за првпат ќе се игра фајнал-ејт турнир по нокаут-систем.

Ако Динамо ја победи Бенфика, ќе игра полуфинале против победникот од дуелот меѓу Ајакс и Митјиланд на 22 август.

Финалето, односно мечот за титулата е закажан за 25 август.