НаполиЈувентус, финале во Купот на Италија, ст.: “Олимпико”, Рим, почеток: 22.00 часот

Веројатни состави: 

Наполи: Мерет, Руи, Кулибали, Максимовиќ, Ди Лоренцо, Руиз, Деме, Зиелински, Кајехон, Инсиние, Мертенс
Повредени: Манолас, Малкуит
Казнет: Оспина
Тренер: Џенаро Гатузо

Јувентус: Буфон, Данило, Бонучи, Де Лихт, Сандро, Пјаниќ, Матуиди, Бентанкур, Коста, Роналдо, Дибала
Повредени: Киелини, Ремзи, Игуаин
Казнети: нема
Тренер: Маурицио Сари

Прогноза на transfermarket.mk:

Вечерва ќе се реши првиот трофеј за сезонава во Италија. Во финалето за Купот ќе се судрат Наполи и Јувентус.

Во 1/2-финалето наполитанците се справија со Интер. Тие ремизираа 1:1 во реваншот на “Сан Паоло” и со победата со 1:0 на “Џузепе Меаца” пред прекинот на фудбалот заради пандемијата од коронавирус, стигнаа до финале. Најавите одат во насока дека македонскиот репрезентативец, Елиф Елмас финалето ќе го почне од клупата за резервни фудбалери.

Јуве пак имаше потешкотии против Милан но стигна до финале. На “Сан Сиро” зимава шампионите ремизираа 1:1 со голот на Кристијано Роналдо од спорен пенал во 90-ата минута. Реваншот во Торино, кој се играше во петок, мина под диктат на “Старата Дама”, но заврши 0:0. Петкратниот носител на Златната топка промаши пенал, но тоа не беше решавачко и Јуве продолжи со повеќе голови на гостински терен.

Вечерва Џенаро Гатузо нема да може да смета на стартниот голман Давид Оспина, кој е казнет. Неговото место ќе го завземе Алекс Мерет. Аут се и Костас Манолас и Кевин Малкуит. За Јуве нема да играат капитенот Џорџо Киелини, Арон Ремзи и Гонзало Игуаин.

Ова ќе биде второ финале за Гатузо во Купот на Италија во тренерската кариера. Првото му беше во 2018 година, кога беше на чело на Милан и ривал му беше повторно Јуве. “Бјанконерите” славеа со убедливи 4:0. Инаку Наполи и Јувентус имаат вкупо 29 дуели во купот: 10 за наполитанците, со 5 победи и 19 за торинците, со 13 победи. Но втор пат тие ќе се сретнат еден против друг во битка за златните медали. Единствениот таков случај е од 2012 г., кога “небесносините” славеа со 2:0. Тие го добија и последниот меч против “црно-белите” – 2:1 на “Сан Паоло” зимава, со што ја прекинаа серијата од 3 порази по ред од Јуве.

Сега е јасно дека продолженија нема да има, за да се избегнат дополнителни 30 минути заради долгата пауза. Така при реми ќе се премине директно на изведување на пенали. И нашата прогноза е дека ќе се има таква разврска, каде може да се случи се, но сепак ќе се обложиме на шампионскиот менталитет на Јуве.

Прогноза: Наполи – Јувентус 1:1, 4:5 по пенали.