Бившиот напаѓач на Ливерпул, Манчестер Сити и репрезентативец на Ирска, Мајкл Робинсон почина на 61-годишна возраст.

Ирецот во својата кариера играше и за Брајтон, Престон Норд Енд, Квинс Парк Ренџерс и шпанска Осасуна. Тој имаше 24 репрезентативни настапи.

Соопштението за смртта на Мајкл Робинсон беше објавено на официјалниот акаунт на една од социјалните мрежи: „Со огромна тага ви соопштуваме за смртта на Мајкл. Остана голема празнина кај нас, но и безброј спомени, полни со истата љубов, која му ја покажавте. Ќе бидеме вечно благодарни на вас, бидејќи секогаш бевте близу до него. Тој никогаш нема да биде сам. Ви благодарам “, гласеше соопштението.

Робинсон, кој во 1984 година ја одигра единствената цела сезона за Ливерпул, освојувајќи го КЕШ, титулата во Англија и Купот на Лигата, во декември 2018 година му беше дијагностициран меланом – рак на кожата.

По кариерата во Осасуна, Робинсон остана во Шпанија и продолжи да развива успешна кариера како телевизиски коментатор. Бившите фудбалери на Ливерпул Чаби Алонсо и Луис Гарсија испратија телеграми со сочуство.

Алонсо напиша: „Никогаш нема да останеш сам, Мајкл! Почивај во мир.“

Гарсија пак напиша: „Почивај во мир Мајкл Робинсон. Легендата на Ливерпул, која беше во сите шпански домови со фантастичните коментари секој викенд.“