Сезоната во португалската Сегунда Лига е крајно прекината на 11 круга пред крајот заради пандемијата од COVID-19. Веста беше потврдена од Португалската фудбалска федерација, која прецизираше дека моменталната табела се зема за крајна, што значи дека екипите на Национал и Фарензе се пред промоција во Примиера Лига.

Раководството на лигата изјави дека било принудено да го донесе ова решение, откако власта на Португалија реши дека единствено елитното првенство и Купот ќе можат да бидат довршени по заминувањето на епидемијата во државата. Од раководството на Лигата дополнуваат дека решението е во согласност со сите препораки на УЕФА односно по процедурите за време на кризата со коронавирусот.

Национал од мадеира се враќа во елитата по само една година отсуствио, додека тимот на Фарензе од градот Алгарве ќе игра за прв пат во Примиера Лига од 2002 година наваму, откако во еден период клубот дури беше испаднат од професионалниот фудбал заради финансиски проблеми.

Голема ѕвезда на португалскиот фудбал Кристијано Роналдо, кој е роден во Мадеира и меѓу 10 и 12-годишна возраст играше во академијата на клубот, го честиташе успехот. “Честитки за одличната сезона. Национал веќе е во прва дивизија. Испраќам на сите голема прегратка и ви посакувам успех”, напиша напаѓачот на Јувентус на Инстаграм.