Евентуалното рестартирање на мечевите од европските клупски турнири ќе биде многу посериозен предизвик од планираниот рестарт на Бундеслигата или кое и да е било друго првенство, тврди председателот на Медицинската комисија на УЕФА – Тим Мајер. Тој даде интервју за ДПА, каде вели дека многу услови мора да се почитуваат кога ќе заврши изолацијата во Европа.

“Сигурно е дека ќе биде многу сложено, а главната пречка се затворените граници низ цела Европа. Една варијанта за избегнување на тој проблем се специјални дозволи за патувања за тимовите”, изјави 52-годишниот Мајер за германската агенција.

“Исто така, во различни држави има различни правила за борба со епидемијата и различни закони. На одредени места ќе биде далеку потешко да се одржи фудбалски меч, отколку на други. Единствениот плус е тоа што имаме време да планираме. Можеме да почекаме и да видиме како точно ќе се развие епидемијата насекаде”.

УЕФА планира да го продолжи евротурнирите во август, кога сите првенства веќе треба да се завршени.

“Како што кажав, ситуацијата низ државите нема да биде еднаква. Тука, во Германија, инфекцијата се развива полесно во однос на Англија. Бројот на заразените се намалува, а освен тоа располагаме и со голем капацитет на тестови. Тоа е многу поразлично од ситуацијата во други држави. За да има повторно меѓународен фудбал, треба да има и други држави со таква скала на инфекција”, заврши тој.