Со осамостојувањето на Република Македонија како независна држава, почнува процесот на основање на навивачките групи кои се легално регистрирани согласно Законот за здруженија на граѓани. Тие на преден план го имаат бодрењето т.е. подржувањето на својот клуб, но истовремено се и главни организатори (промотери) на насилството на фудбалските стадиони и заслужни за самиот амбиент пред, за време и по одржување на еден фудбалски натпревар. Денес опстојуваат околу 20 – тина навивачки групи со многу мал број на членови.

Но да почнеме од почеток:

Датум: 1 Март 2002
Локација:Стара Чаршија, Чаир, Скопје, Републка Македонија
Број на повредени: 7 и материјална штета

Во Чаир истовремено се случиле повеќе инциденти на натпревар од македонска фудбалска лига помеѓу Слога Југомагнат од Чаир и Вардар од Скопје. Повеќе навивачки групи, пред се на тинејџерска возраст го почнале својот поход од стадионот во Чаир, каде е претепан еден студент во академијата во Стара Чаршија од групата на шверцери, потоа на автобуската станица Јаја Паша во Чаир биле каменувани 10 (десет) автобуси, на градско претпријатие кои возеле во таа населба. Во нередите биле повредени една жена патник и едно девојче, и трет инцидент се случил на плоштадот во Скопје, каде била искршена шофершајма на едно возило од тепачката помеѓу навивачките групи. Во сите тие инциденти биле повредени 7 (седум) лица.

Датум: 6 Септември 2003
Локација: Градски стадион, Скопје, Републка Македонија
Број на повредени: нема

Во Скопје, на Градскиот стадион на квалификационен натпревар за Европско првенство 2004 год., за време на интонирање на англиската химна, кога малубројните англиски навивачи кои биле сместени во аголот на западната требина, го истакнале националното знаме на Англија, кое им било одземено од неколку наши навивачи и го запалиле, покрај тоа имало и различни расистички извици на еден дел од публиката упатени кон противничките играчи Сол Кембел и Емил Хески, притоа Фудбалската Федерација на Македонија е казнета од страна на УЕФА со 25.000 (двесет и пет илјади) швајцарски франци.

Датум: 15 Октомври 2006
Локација: Стадион, Арачиново, Република Македонија
Број на повредени: повеќе лица

Инцидентот се случил по завршувањето на второлигашкиот натпревар помеѓу ФК Шкендија од Арачиново и ФК Тетекс од Тетово. Инцидентот се случил поради незадоволството од резултатот на натпреварот, каде домашната екипа го загубила натпреварот. Поголема група на фанови на ФК Шкендија ги нападнале гостинските фудбалери. Секретарот на гостинската екипа ќе изјави “ме тепаше кој стигне”.

Датум: 15 Октомври 2006
Локација: Градски стадион, Скопје, Република Македонија
Број на повредени: 4

Поголема група на навивачи на ФК Вардар во центарот на Скопје нападнала двајца скопјани од албанска етничка припадност , како одговор на револтот кај фановите од албанска припадност, тие после неколку часа нападнале двајца возачи на ЈСП, при што им нанела тешки телесни повреди. Двајцата возачи завршиле на лекување во градската болница. Според извештајот на МВР двајцата албанци биле претепани без повод, но исто така и двајцата возачи на ЈСП биле претепани без повод.

Датум: Август 2008
Локација: Градски стадион, Тетово, Република Македонија
Број на повредени нема: (материјална штета)

По завршувањето на фудбалски натпревар помеѓу тетовските клубови Тетекс и Шкендија дошло до инцидент кога навивачките групи го напуштиле стадионот и почнале да се каменуваат меѓусебно, при што биле оштетени 3 (три) возила, од кои 2 (две) на МВР. Повредени лица немало бидејќи полицијата спречила инциденти од поголеми размери.

Датум: 3 Август 2008
Локација: Градски стадион, Скопје, Република Македонија
Број на повредени: 4

Хулиганска драма по натпреварот помеѓу екипите на ФК Вардар од Скопје и ФК Ренова од Тетово на градскиот стадион во Скопје. Неколку минути по крајот на натпреварот започнал инцидентот откако навивачките групи се спротивставиле пред влезовите на стадионот каде започнала и тепачка. По интервенција на полицијата толпата се преселила во Градски парк каде ги продолжиле нередите. Меѓу спротивставените страни имало вооружени лица кои се заканувале со пиштоли во раце.
Четири полицајци биле повредени, демолирани 2 (два) автомобила и 20 (дваесет) лица се приведени, во тие нереди предизвикани од недоличното однесување на навивачките групи. Во оваа пресметка учествувале две групи со различен етнички состав, што се претпоставувало дека е мотив инцидентите да се прошират и надвор од стадионот. По овие нереди се огласила една од политчките партии од албанскиот блок со тоа дека инцидентот е тенденциозен кон припадниците на албанските групи младинци, што на некој начин нередите добиле и политичка боја.

Датум: 15 Октомври 2008
Локација: Градски стадион, Тетово, Република Македонија
Број на повредени: 1

На натпреварот помеѓу ФК Ренова од Тетово и ФК Македонија Ѓорче Петров од Скопје, физички бил нападнат играчот на гостинскиот тим Амбурет. После физичка пресметка на двајцата играчи на теренот, гостинскиот играч добил црвен картон по што се упатил кон соблекувалната. При тоа со одредени непристојни гестови ја провоцирал публиката, која веднаш влегла во соблекувалната и физички го нападнале гостинскиот играч и му нанеле телесни повреди, по што завршил во болница.

Датум: 25 Октомври 2008
Локација: Градски стадион, Тетово, Република Македонија
Број на повредени: 2

На натпреварот од втората македонска лига во фудбал помеѓу ФК Тетекс од Тетово и ФК Кожув од Гевгелија се случил инцидент каде над 30 (триесетина) навивачи од групата Војводи за време на натпреварот фрлале камења, запалки и пластични шишиња. Од епилогот на дивеењето на навивачките групи бил повреден полицаец и оштетени неколку возила. Случајните минувачи кои поминувале биле револтиран од однесувањето на групите при што фрлале камења кон нив. И покрај полициската интервенција од страна на навивачите биле искршени стакла на угостителски објект кој бил во близина на стадионот, но и кога сопственикот на објектот се обратил до навивачите бил удрен со камен во слабината, а физички бил нападнат и неговиот син. Еден ден по инцидентот навивачкта група Војводи се обратила со соопштение дека инцидентот бил како резултат на голем пропуст на СВР Тетово кои не ангажирале доволен број полицајци, интервенирале само кон нив, а не и кон непознатите лица кои според соопштението го предизвикале инцидентот.

Датум: 7 Декември 2008
Локација: Стража, Кичево, Република Македонија
Број на повредени: (материјална штета)

Се случува досега невиден инцидент во нашето општетво поврзан со фудбалски натпревар од првата лига. Фудбалерите на ФК Вардар од Скопје биле нападнати од својата навивачка група “Комити” на превојот “Стража” помеѓу Кичево и Гостивар по враќањето од гостувањето во Кичево каде играле со ФК Напредок од Кичево со резултат 1:1. Според информациите во јавноста фановите на Вардар незадоволни од играта и од резултатот, се решиле да се пресметаат со фудбалерите, и тоа на досега најорганизиран насилен начин на било кој фудбалски натпревар во Република Македонија. Впрочем автобусот со кој што се враќале играчите на Вардар бил престретната на Стража и бил целосно искршен и играчите биле нападнати од страна на навивачката група која броела околу 120 (сто и дваесет) фанови.
Интересно за овој немил настан е тоа што и по два дена тој продолжил и во целост тој насилнички инцидент е тоа што нема крај на вандалското однесување на дел од навивачката група Комити, две дена по инцидентот во центарот на Скопје на кејот бил нападнат фудбалерот на Вардар Александар Бајевски, и тоа токму на неговиот роденден со што некој од фановите му се заканиле дека “сите мора да го напуштат клубот или ќе бидат казнети”, за среќа инцидентот на ескарирал бидејќи други фанови кои биле тука го спречиле тоа.

Датум: 22 Април 2009
Локација: Градски стадион, Тетово, Република Македонија
Број на повредени: 13

Натпревар помеѓу ФК Тетекс и ФК Слога Југомагнат од Чаир. Проблемте почнале на самиот натпревар, кога навивачите на Слога, Шверцери насилно влегле на една од трибините, го запалиле знамето и започнале со вербални провокации и фрлање на камења. По што возвратиле домашните навивачи, кои дури се обиделе физички да се пресметат со гостинските навивачи, на што интервенирала полицијата. Но по завршувањето на натпреварот навивачите повторно се обиделе да се пресметаат на улиците околу стадионот, при што започнале улична војна фрлајќи камења едни кон други. Во уличните немири според полицијата три лица биле приведени, а 13 (тринаесет)лица биле повредени од кои 3 (три) лица биле задржани на лекување.

Датум: 3 Мај 2009
Локација: Градски стадион, Тетово, Република Македонија
Број на повредени: нема (материјална штета)

По завршувањето на полуфиналниот натпревар во фудбал во Купот на Македонија помеѓу ФК Шкендија од Тетово и ФК Работнички од Скопје, членовите на навивачката група Балисти го нарушиле јавниот ред и мир и оштетиле 3 (три) објекти и 1 (едно) возило. Навивачите револтирани поради елиминација на својот тим, и провокација на еден од фудбалерите на гостинската екипа, по натпреварот се обидувале да ги нападнат гостинските играчи, но во тоа не успеале поради големото присуство на припадниците на МВР. Но во секој случај истите дивееле и низ градот, при што биле искршени и неколку излози на објекти и просторија на политичка партија. На овој натпревар имало крајно навредливи пароли на етничка база “у каур” , “стварно си лигуш”, “затоа вие каурите не може да имате држава” и сл.

Датум: 16 Август 2009
Локација: Општина Карпош, населба Нерези, Скопје
Број на повредени: 12

На ден 16.08.09 поголема група на скопската навивачка група Комити предизвикала безредија и инциденти на и околу бул. Партизански одреди во општина Карпош, при што биле оштетени повеќе возила, прозорци од куќи, а повредени биле над десетина лица. Населението во населбата Нерези изјавило дека Комитите им влегувале во дворовите и домовите, при што се повредени повеќе лица. Инцидентот добил и друга димензија оти во таа населба живее претежно албанско население, со што дел од учесниците во тој инцидент обвиниле намерно исцениран инцидент на меѓуетничка основа.
Изјави на очевидци на настанот цитирам “Беше страшно ги имаше околу 20 тина и се движеа кон населбата Ѓорче Петров”. Кога поминуваат низ населбата почнаа да викаат, да удираат, да фрлаат камења. Искршија неколку возила и потоа се разбегаа, на еден жител на Нерези му биле повредени сопругата и ќерката, при што завршиле во болница.
За да безредијата бидат поголеми навивачката група Комити се вратила по истиот пат после натпреварот помеѓу ФК Македонија ЃП и ФК Вардар,но потоа ги пречекало местното население кое се организирало во меѓувреме и населбата се претворила во бојно поле каде биле користени разни предмети (камења, палки и др.).

Извор: Превенција и репресија на насилство на фудблските стадиони; Иван Анастасовски, Лазар Нанев, Игор Климпер. Верзија 2009.