Шкотска ќе добие неочекуван подарок и финале во Сегментот Ц од Лигата на нациите без да игра меч против Израел, а Израелците веројатно ќе се соочат со санкции од УЕФА поради проблемите што фудбалската репрезентација ги има во својата земја.

Израел се подготвува за вториот бран на корона-вирус и забрани патувања на своите граѓани надвор од земјата. Властите не попуштаат, а и за молбите на фудбалската федерација на Израел засега немаат слух.

Полуфиналниот бараж меч во првата сезона од Лигата на нациите меѓу Шкотска и Израел треба да се игра на „Хемпден парк“ во Глазгов на 8 октомври годинава, но како што сега стојат работите, домаќините ќе се пласираат во финалето без борба. Таму ги чека подобриот од нокаут-мечот меѓу Норвешка и Србија, а шампионот во Сегментот Ц ќе игра на Европското првенство идната година.

Интересно е што и претходно на 4 септември овие две селекции требаше да играат меѓу себе на истото место, во премиерниот меч од втората сезона на Лигата на нациите бидејќи на ждрепката се паднаа во иста група од Сегментот Б.

И тој меч нема да се игра, а на Израел, ако нешто драстично не се смени со одлуката на нивната влада, му се заканува казна од УЕФА.

Шкотска во тој случај ќе ги добие двата дуели со службен резултат, а што е уште поважно за Храбрите срца, ќе одат директно во финалето и ќе го чекаат противникот од второто полуфинале меѓу Норвешка и Србија.

Во полуфиналните баражи, но од Сегментот Д ќе игра и Македонија, најпрво против Косово на 8 октомври во Скопје, а ако победи, ќе игра финале за ЕП на гостински терен против подобриот од нокаут-мечот меѓу Грузија и Белорусија.