Вчера на спортскиот комплекс Бело Брдо во Штип се изврши селекција на 30 дечиња кои се пријавија за Фудбалската Академија – паралелка во Штип за учебната 2020 – 2021 година. Кандидатите беа подложени на проверка на способноста за техника, брзина, координација, сила и во зависност од добиените резултати ќе биде формирана новата паралелка. Сите оние кои ги исполнуваат критериумите ќе бидат нови „академци“ како што се нарекуваат а паралелката брои најмалку до 20 ученици.

Селектирањето на кандидатите се изврши според протоколот на здравствените работници со дезинфекција на сите спортски реквизити и топки, со задолжителни заштитни маски и ракавици. Кандидатите и во вакви услови прикажаа солидни фудбалски вештини што ќе значи нов почеток за нив во проучување на сите тајни на фудбалската игра и секако со целокупна посветеност да се оформат во идни надежни таленти на ФК Брегалница и на други фудбалски екипи и секако за Македонската репрезентација.

Сите ученици кои доаѓаат од други места Фудбалската Федерација на Македонија им обезбедува, стипендија во износ од 3000 денари , превоз до училиштето и до теренот, опрема и се што е предвидено по нивниот протокол. Стручниот тим на фудбалската паралелка во Штип го сочинуваат менторите за практичен дел кој се изведува на стадионот со вештачка трева во Бело Брдо и ментори за образовниот дел кој се одвива во просториите на СОУ „Никола Нехтенин“ во Штип.

Ментори за практичниот дел се: Димитар Маџунаров, Мирко Јакимовски, Никола Кузманов, Љупче Колев и физиотерапевт Ненад Митров.

Ментори за образовниот дел се: Мирко Јакимовски, Дејан Величков, Страхил Серафимовски и Емил Грнев. Шеста година по ред штипската фудбалска паралелка ги изваја и на фудбалското небо исфрли поголем број на фудбалери кои веќе градат успешна кариера и настапуваат за респектабилни екипи меѓу кои се : Бојан Миовски, Мартин Стојанов, Борче Ласков, Давид Велковски, Тони Мичковски, Кристијан Антонов и уште некои.

Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk