Говорот на омраза во спортот во Р. С. Македонија бил цел на едно истражување, чии заклучоци ќе ви ги презентираме:

  1. Истражувањето за говорот на омраза во спортот се спроведе на 6ти март 2014 година со методот телефонска анкета на 800 испитаници кои следат македонски спорт со репрезентативен опфат на сите етнички заедници, урбани и рурални средини во Република Македонија. Статистичката грешка за овој вид истражувања изнесува од 3.5 до +3.5%.
  2. Во истражувањето беа вклучени само испитаниците кои на прашањето: Колку често следите македонски спорт (ракомет, кошарка, фудбал и сл.) одговориле редовно, понекогаш или ретко, а беа исклучени оние кои одговориле дека никогаш или воопшто не следат македонски спорт. Така, високи 43.1% од испитаниците одговориле дека редовно следат македонски спорт, 34.8% дека понекогаш, а само 22.1% рекле дека ретко ги следат актуелните спортски случувања во земјата. Следното прашање кое им беше поставено на испитаниците гласеше: Колку често, според Вас, се појавува говор на омраза во областа на спортот во Република Македонија? Високи две третини од испитаниците (63.6%) сметаат дека се појавува многу често или често, 31.5% дека повремено или ретко, а само 4.3% одговориле дека никогаш не се јавува говор на омраза во оваа област. Притоа, прашањата за говор на омраза кои следуваат не им беа поставени на оние испитаници кои сметаат дека никогаш не се појавува говор на омраза во областа на спортот (4.3%) во Република Македонија.
  3. Анализата според возраст открива дека во најголема мера говор на омраза во спортот забележуваат највозрасните испитаници и оние на возраст од 30 до 49 години (68% и 69% од нив респективно, одговориле дека често се појавува говор на омраза во областа на спортот во Република Македонија), додека најмладите испитаници, односно оние на возраст од 18 до 29 години, кои, можеби се и најредовни посетители на спортските настани, во најмала мера ја забележуваат оваа појава (55% сметаат дека често се јавува говор на омраза во спортот во Р. Македонија). Образовната структура на испитаниците, пак, покажува дека испитаниците со високо образование во највисок процент (69%) перцепираат говор на омраза на спортот во земјата. Анализата според етничка припадност покажува дека етничките Албанци во највисок процент (76%) перцепираат говор на омраза во спортот во земјата.
  4. Дополнителната анализа покажува дека испитаниците кои се симпатизери на некој спортски клуб во повисок процент (66%) перцепираат говор на омраза во спортот, од оние кои не се (59%). Понатаму, симпатизерите на некој спортски клуб беа запрашани дали ја поддржуваат, односно дали се дел од навивачката група на тој клуб. Интересно е што, анализата според тоа дали испитаниците се навивачи или ненавивачи на некој спортски клуб, покажува дека ненавивачите во многу повисок процент (76%) репортираат говор на омраза во спортот од навивачите, односно оние кои ја поддржуваат навивачката група на клубот што го симпатизираат (61%).
  5. Следното прашање кое им беше поставено на испитаниците гласеше: Дали според ваша оценка, во последните неколку години говорот на омраза на спортските настани се зголемува, на исто ниво е како и пред тоа или се намалува? Помалку од половината од испитаниците (45.6%) одговориле дека се зголемува, околу една третина (31.0%) дека е на исто ниво како и пред тоа, а 20.8% дека се намалува.
  6. Социодемографската анализа на испитаниците покажува дека највозрасните испитаници, испитаниците со високо образование и етничките Албанци во највисоки проценти (52%, 47% и 63% респективно) изјавиле дека говорот на омраза на спортските настани во земјата во последните неколку години се зголемува. Значајно е што анализирано според возраст, повторно, најмладите испитаници, оние на возраст од 18 до 29 години, кои, како што споменавме, можеби се и најприсутни на спортските настани, во најмал процент (28%) одговориле дека говорот на омраза во спортот има тенденција на зголемување во последните неколку години.
  7. Симпатизерите на некој спортски клуб во земјата во повисок процент репортираат зголемување на говорот на омраза (47%) од оние кои немаат свој омилен спортски клуб (44%). Но, ненавивачите (55%) во поголема мера забележуваат зголежување на говорот на омраза од директните навивачи (42%).
  8. Понатаму, испитаниците беа запрашани: Дали според Вас нарекувањето на некои навивачки групи или припадниците на навивачките групи со следните називи е говор на омраза? Така, највисок процент на испитаници (84.2%) го оцениле како говор на омраза називот „педери“, а 75.8% сметаат дека и називот „шиптари“ претставува говор на омраза и 73.0% истото мислење го делат и за називот „цигани“. Исто така, називот „каури“ претставува говор на омраза за 71.0% од испитаниците. Интересно е што, и некои од официјалните имиња на навивачките групи како Мајмуни, Шверцери, Чкембари и Комити од 62.3%, 52.4% и 37.7% од испитаниците респективно се оценети како називи што означуваат говор на омраза, што сведочи за нискиот степен на запознаеност со оваа појава во спортот.
  9. Ненавивачите за разлика од официјалните навивачи (поддржувачи на некој спортски клуб во земјата) во многу повисоки проценти го оценуваат речиси секој од наведените термини како говор на омраза.
  10. Анализата според етничката припадност на испитаниците покажува дека називот „шиптари“ претставува говор на омраза за 75% од етничките Македонци, 87% од етничките Албанци и 65% од другите етнички заедници. Називот „каури“, пак сметаат дека е говор на омраза само 68% од етничките Македонци и 60% од другите етнички заедници, наспроти 96% од етничките Албанци.
  11. Испитаниците исто така, беа запрашани: Според Вас во која мера секој од следните чинители е одговорен за постоењето на говор на омраза во спортот? Како „главни виновници“ за постоењето на говор на омраза во спортот од најголем процент испитаници (88.2%) се посочуваат самите навивачи, следуваат политичките партии (69.9%), администраторите на интернет форумите (57.2%), спортските судии (52.0%) и спортските новинари (51.3%). Половина од испитаниците (50.7%) сметаат дека одговорни за постоењето на говор на омраза во спортот се и спортските функционери – претседателите на клубови, понатаму 49.0% за „виновници“ ги сметаат и државните фукционери, 35.8% полицијата, 35.2% невладините организации и само 22.8% сметаат дека „виновни“ за постоењето на говор на омраза во спортот се спортистите.
  12. Ненавивачите во повисоки проценти од навивачите го оценуваат секој од овие чинители како одговорен за постоењето на говор на омраза во спортот. Значајно е што навивачите како одговорни се посочени од 81% од навивачите и 92% од ненавивачите.
  13. Високи 75.5% од испитаниците сметаат дека говорот на омраза на спортските терени треба да се третира како кривично дело, 22.8% сметаат дека не треба, а 1.7% од испитаниците одговориле дека не знаат. Не постојат статистички значајни разлики помеѓу навивачите и ненавивачите во однос на законската регулираност на говорот на омраза во спортот, односно 77% од двете групи испитаници сметаат дека истиот треба да се третира како кривично дело.
  14. На испитаниците им беше поставено и прашањето: Според Вас, кој може најмногу да влијае врз спречувањето на говорот на омраза на спортските настани? Високи 44.2% од испитаниците сметаат дека за спречување на говорот на омраза на спортските настани можат најмногу да придонесат водачите на навивачките групи, 13.5% медиумите, 12.7% ја посочуваат полицијата, 11.0% раководствата на спортските клубови, 3.4% судиите, 2.8% тренерите и 8.7% споменале некој друг чинител.
  15. Анализата според тоа дали испитаниците ја поддржуваат навивачката група на некој клуб во земјата покажува дека 46% од навивачите и 42% од ненавивачите сметаат дека водачите на навивачките групи можат најмногу да влијаат врз спречувањето на говорот на омраза на спортските настани. Дополнително, ненавивачите им придаваат поголемо значење на медиумите (18% сметаат дека може) во влијанието врз спречувањето на говорот на омраза од навивачите (8%).
  16. Социодемографската анализа покажа дека 60.1% од испитаниците се симпатизери на некој спортски домашен клуб. Од испитаниците, пак, кои се симпатизери на некој спортски клуб, 61.4% рекле за себеси дека се навивачи, односно дека ја поддржуваат навивачката група на тој клуб, а 38.4% дека не ја поддржуваат истата.
  17. Од испитаниците кои поддржуваат некоја навивачка група (навивачи) една третина се дел од Комитите (33.6%), 16.5% се дел од навивачката група на Металург, 6.0% се дел од Чкембарите, 4.6% се дел од Шкендија, 3.5% од навивачката група на Балистите, 3.3% од Фемили Аеродром, а 32.6% од некој друга навивачка група во земјата.