Севилја не се предава во трката со Атлетико Мадрид за третото место во Ла Лига, го покажа тоа во пресвртот на гостувањето кај Атлетик Билбао од 2-1.

Екипата на Хуле Лопетеги успеа да прекине 11-годишен пост без позитивен резултат на „Сан Мамес“ во лигашка пресметка.

Капа му донесе на Билбао водство по речиси половина час, па гостите мораа да се мачат во поголемиот дел од средбата за да избегнат прв пораз по рестартот на сезоната. За да не се случи тоа, се погрижи Евер Банега со фантастичен погодок од слободен удар во 70-тата минута.

За пресвртот не се чекаше многу, бидејќи Севилја веќе во следната посериозна шанса заби преку Ел Хадади, што беше доволно за победата и израмнување со Атлетико на табелата со по 63 бода по 35 натпревари.