Арсенал и Лестер ремизираа 1:1 во меч како нарачан за двајцата најдобри стрелци во Премиерлигата. Пјер-Емерик Обамејанг погоди во 21. минута на дербито од 34. коло во Англија и ја круниса иницијативата на домаќините.

За Габонецот ова беше 20. гол во Премиерлигата и капитенот е и првиот играч на Арсенал по легендарниот Тјери Анри што имал учинок од 20, или повеќе голови во иста сезона во англискито првенство.

Арсенал имаше иницијатива и неколку зрели шанси за да ја дуплира предноста уште во првото полувреме, но капитенот на Лестер, Каспер Шмајхел бранеше извонредно.

Во второто полувреме Еди Нкетија беше исклучен во 75. минута, само 240 секунди откако влезе во игра, а предноста од фудбалер повеќе ја искористија Лисиците.

Најдобриот стрелец во Премиерлигата, Џејми Варди погоди во 84. минута, што му е десетти гол против Арсенал и вкупно 22 сезонава.

Тој е на чело на листата на стрелците пред Обамејанг, а бодот што го освои Лестер не е доволен да се сочува третата позиција.

Лисиците паднаа едно место подолу по победата на Челзи против Кристал Палас и сега имаат 59 бода, еден помалку од Сините од „Стемфорд Бриџ“.

Арсенал не успеа да ја забележи четвртата победа по ред во Премиерлигата и остана на 7. место со 50 бода.