Манчестер Јунајтед славеше над 3:0 Шефилд Јунајтед во меч од 31-то коло на Премиерлигата, игран пред празните трибини на стадионот “Олд Трафорд”.

Најдобар на теренот беше Антони Марсијал, кој сам ги победи гостите. Францускиот напаѓач постигна хеттрик, со головите во 7-ата, 44-ата и 74-ата минути.

Мачот ќе биде запамтен и по враќањето на ѕвездата на “црвените ѓаволи” Пол Погба како стартер. Последен пат тој започна од првата минута на 30 септември минатата година при домашното реми 1:1 со Арсенал.

По убедливата победа Манчестер Јунајтед собра 49 бодови и е на петото место, само на два зад четвртиот Челси, кој има меч помалку. Шефилд Јунајтед е осми со 44 бодови.