Карим Бензема продолжи да и дава голови на Валенсија, вечерва двапати ја затресе мрежата на Лилјаците во победата од 3:0 на Реал Мадрид.

Уште подобро за кралскиот клуб е фантастичниот кам-бек на Марко Асенсио, кој играше по пауза од 11 месеци. И успеа да постигне гол во првиот допир на топката, а потоа и му асистираше на Бензема за конечни 3:0.

Францускиот ас и дава гол на Валенсија на три меча по ред и ако ланските на „Месталја“ не беа доволни за победа на Реал Мадрид, овие два денеска беа победнички.

Одлично за второпласираната екипа во Шпанија е што прва асистенција по долга пауза поради повреда запиша Еден Азар при првиот гол на мечот.

Потоа имаше уште повеќе место за насмевки кај победникот, бидејќи Асенсио се врати на терен и постигна гол со првиот допир на топката, а потоа маестрално му асистираше на Бензема за последниот гол, кој беше фантастичен.

Валенсија остана на осмото место со 43 бода, дури 21 помалку од лидерот Барселона.

Она што вреди да се напомене е дека Карим Бензема со индивидуален рекорд го круниса вчерашниот убедлив триумф на Реал Мадрид против Валенсија. Со неговиот магичен погодок во финишот за конечни 3-0 стана петти најдобар стрелец во клупската историја со вкупно 243 погодици, надминувајќи го легендарниот Ференц Пушкаш.

Францускиот голгетер прво во 61-та минута се израмни со иконата на Кралевите, па за вкупно 16-ти гол за оваа сезона во шпанското првенство, ја изведе мајсторијата по асистанција на Асенсио. Искусниот напаѓач веќе 11 години го носи дресот на Реал со повеќе од 500 настапи, а рекордот му донесе влез во одбрано друштво.

Бензема е само четврти фудбалер на Кралевите со 20 или повеќе погодоци во осум последователни сезони, по Алфредо Ди Стефано, Раул Гонзалес и Кристијано Роналдо.