Како што пишува Спортмедиа на ФК Вардар му е понуден фудбалерот Стојанче Велинов.

Тој е инволвиран во случај на наместен натпревар како фудбалер на ФК Силекс, кој во соработка со бугарската обложувачка мафија и со група на врбувани фудбалери од својот тим се обиде да намести фудбалски натпревар од Првата македонска фудбалска лига.

За споменатиот фудбалер постои основано сомнение дека на натпреварот од 31 коло меѓу ФК Металург и ФК Силекс одигран на 18.05.2015 година во 16.30 часот на игралиштето “Борис Трајковски” во Скопје, сторил дисциплински прекршок во врска со недозволено влијание на исход на натпревар, наговарање, прикривање, подмитување и договарање со трети лица ( член 71 – 75 од ДП на ФФМ ), за што добил раскин на професионалниот договор со ФК Силекс, парична казана од 5000 евра во денарска против вредност, суспензија за настапи во времетраење од 6 месеци.

Фудбалската федерација на Македонија застанува на страната на клубот, што се гледа од одобрувањето на раскинот на професионалниот договор на фудбалерот.

Но на крајот ФФМ сепак докрај не ја довршува работата, бидејќи набрзо потоа по уплатените 5000 евра на сметката на ФК Силекс, фудбалерот е регистриран од ФК Брегалница за која и бележи настапи. Федерацијата доколку докрај останела доследна на принципите и на борбата против местењето на натпревари и борбата против обложувачката мафија, требало да донесе одлука за доживотна суспензија на фудбалерот во фудбалски активности.

За случајот поседуваме докази од судската постапка против фудбалерот.