Атлетико Мадрид уште еднаш потврди дека е една од најнезгодните екипи во Европа, која никогаш не се предава, а вечерва и покрај сите маки успеа да го победи Бетис со 1:0.

На домаќините им беа поништени два гола во првото полувреме, потоа останаа и со десет играчи по исклучувањето на Хермосо и сепак ги освоија бодовите.

Јунак и стрелец на победничкиот гол беше Диего Коста во 74. минута, кога погоди со глава, доволно за нови три бода.

Претходно Анхел Кореа немаше среќа и му беше поништен гол во 22. минута, откако спорниот момент беше проверен со помош на ВАР системот и беше досудена игра со рака.

Нешто подоцна во 36. минута Алваро Мората погоди, но повторно со помош на ВАР системот Атлетико остана без предност од 1:0.

За да бидат маките уште поголеми за домаќиниот Хермосо беше исклучен во 57. минута, но и тоа не беше пречка за упорните играчи на Атлетико Мадрид.

Диего Симеоне направи три клучни измени во 55. минута, а токму Коста, кој го замени Мората погоди за победа во 74. минута.

Атлетико остана на третото место со 66 бода и е на прагот на ново учество во Лигата на шампионите, а Бетис остана на 13. позиција со 41 бод.